Ни треба државна поддршка, и половина од потребната сума ќе заврши голема работа – секаква донација е добредојдена и ќе помогне, вели Ѓорѓи Маркоски

Државната помош на Сојузот на математичарите на Македонија (СММ) за поддршка на 29. Јуниорска балканска математичка олимпијада (ЈБМО) која треба да се одржи во јуни, идната година е сè уште отворено прашање. На натпреварот ќе дојдат учесници од многу земји, а Сојузот како непрофитно здружение не може самостојно да ги намири трошоците. Ова е еден од најзначајните регионални натпревари по математика на кои нашиот средношколец Дамјан Давков е најуспешниот натпреварувач во тридецениската историја на Олимпијадата.

СММ уште пред два месеца се обрати до Министерството за образование и наука со детална пресметка на трошоците за организирање на натпреварот. Оттаму добија одговор дека МОН нема законска основа да ги поддржи, зашто пари за вакви намени не се предвидени во буџетот. Сојузот се обрати и до Владата од каде деновиве им стигна одговор дека го разгледале барањето за финансиска поддршка и за ова прашање го задолжиле надлежното Министерството за образование и наука. Умно.мк испрати прашања во МОН дали постои можност да помогне во организацијата на Олимпијадата. Оттаму велат:

– Министерството за образование и наука исклучително ги цени активностите на здруженијата на наставници кои организираат ученички натпревари, што целосно се поклопува со институционалните заложби за стимулација на потенцијалот, креативноста и натпреварувачкиот дух кај младите. Во таа насока и обезбедува поддршка за нив, за испраќање на основци на меѓународни научни олимпијади и натпревари, а наскоро одредби за обезбедување на ваков тип на поддршка ќе има и во Законот за средно образование. Поинаков вид на поддршка за здруженијата на наставници, имајќи предвид дека станува збор за поголем број граѓански здруженија, не е предвиден. Буџетот на МОН е ограничен и треба соодветно да се распредели, а најголем дел е наменет за финансирање на формалниот воспитно-образовен процес во основните и средните училишта, што е всушност примарна должност на институцијата – велат од МОН.

Ѓорѓи Маркоски

СММ е единствениот македонски претставник во меѓународната организација MASSEE, организација што ја организира Олимпијадата. Организирањето на натпреварот ќе чини околу 70.000 евра. Според правилата, учесници на ЈБМО се 11 држави од МASSEE, а Македонија како домаќин има право да учествува со два тима. Секој од тимовите се состои од 6 натпреварувачи, водач и заменик водач. За нив и за екипата за организација домаќинот треба да обезбеди по хотелско сместување и 5 ноќевања за околу 120 луѓе. Вообичаено на олимпијадата учествуваат и околу 7-8 држави кои не се членки на MASSEE. Значи, Македонија треба да биде домаќин на околу 200 учесници и малку хотели имаат капацитет да примат олку луѓе и да обезбедат услови да се спроведе натпреварот.

Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, претседател на СММ вели дека се обидуваат да обезбедат пари на секој начин. Засега имаат само најава за неколку донации, од една странска фирма и од 2-3 домашни.

– Ни треба државна поддршка, и половина од потребната сума ќе заврши голема работа. Секаква донација од други субјекти е добредојдена и ќе помогне да се организира овој натпревар – вели Маркоски.

Дамјан Давков

Според него, ова е најпрестижен натпревар за ученици до 15,5 години. Го организираат последователно 11 балкански држави. Обично учествуваат и уште толку други репрезентации.

– Учениците кои учествуваат на ЈБМО следните години обично се пласираат и во репрезентациите за Меѓународната математичка олимпијада – најпрестижниот светски натпревар за ученици до 18 години. Дамјан Давков од многу мала возраст учествува на овој натпревар и е најуспешен натпреварувач во неговата историја. Ова е уште една голем поттик за младите натпреварувачи да го следат неговиот пример. Дамјан и другите натпреварувачи високо ја позиционираат Македонија во европската и светската математика. Обично врвните натпреварувачи по математика израснуваат во врвни научници и професори по математика или информатика – вели Маркоски.

Сите што можат да донираат за поддршка на математичарите тоа можат да го сторат на:

Денарска сметка (можност за директна уплата со картичка):
Сојуз на математичарите на Македонија
Ул. Архимедова бр. 3, Скопје,
Жиро сметка: 300000001276071
ЕДБ: 4030991121596, депонент на Комерцијална банка АД

Девизна сметка (можност за директна уплата со картичка):
Company name: Sojuz na matematichari na Мakedonija Skopje
Address: Ul. Arhimedova br 3 Skopje
Acc. No. : 0270100300114
IBAN: MK07300701003001147
BENEFICIARY’S BANK:
Komercijalna banka AD Skopje
Ul. Orce Nikolov br. 3, 1000 Skopje, Macedonia
BIC/SWIFT CODE: KOBSMK2X

izvor umno.mk

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *