Денес е 31 Мај, Светски ден за борба против пушење. Секоја година на овој ден, Светската здравствена организација (СЗО)  и партнерите го одбележуваат Светскиот ден за борба против пушење, потенцирајќи ги здравствените ризици поврзани со употребата на тутунот и промовирајќи ефективни политики за намалување на употребата на тутунот. Светскиот ден за борба против пушење се одбележува уште од 1987 година. Статистичките податоци покажуваат дека една испушена цигара го скратува животот за 12 минути.

Придобивките од откажувањето од пушење се речиси моментални. Така, пулсот паѓа по само 20 минути од откажувањето. Во рок од 12 часа, нивото на јаглерод моноксид во крвта се намалува до нормална вредност. Во рок од две до 12 недели се подобрува циркулацијата и се зголемува функцијата на белите дробови. Во рок од еден до девет месеци се намалуваат проблемите со кашлање и отежнато дишење. Во рок од пет до 15 години ризикот од мозочен удар се намалува на вредност карактеристична за непушач. Во рок од 10 години стапката на смртност од рак на белите дробови е околу половина од таа кај пушачите. Во рок од 15 години ризикот од срцево заболување е ист како и кај непушачите.

Светската здравствена организација секоја година укажува на штетните последици од употребата на тутун и од пасивната изложеност на чадот од тутунските производи, и советува да не се употребува тутун во каква било форма.

Последната статистика покажува дека дури 48,4 проценти од населението во Македонија посегнува по цигара, со што државата успеа да се искачи високо на светската топ 10- листа на земји најголеми зависници од тутун. Македонците во просек пушат по 20 цигари на ден, а најбројни меѓу пушачите се мажите. Како земја којашто има најниски цени на цигари во регионот и во Европа, како и најниско даночно оптоварување, не е ни чудо што тутунот е лесно достапен до секого. Особено загрижува тоа што над 30 отсто од младите пушат.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *