Драган Спасов-Дац и Александар Митевски најавуваат вистински музички спектакл со концертите „Дамите бираат“, кои ќе се одржат на 6 и 7 март во Македонски народен театар, во пресрет на Меѓународниот ден на жената. Интересот за настаните е огромен, а организаторите откриваат дека лесно можеле да закажат уште неколку термини, но засега остануваат на два концерта.
Дуото најави дека следната можност за средба со публиката ќе биде на 18 јуни, кога ќе настапат на отворањето на летната сцена „Славиша Кајевски“.
Концертната вечер ќе биде поделена во три дела и ќе понуди повеќечасовна програма. Настанот започнува со прием во фоајето на театарот, каде атмосферата ќе ја создава диџејот Миле Џолев. Потоа следува главниот концертен настап со бендот „Дрим тим“, а по официјалниот дел дружењето продолжува со коктел и музика во фоајето, каде на клавијатури ќе настапи нивниот соработник Јоргуш.
Програмата ќе трае од 20 часот до околу еден часот по полноќ, со динамична атмосфера и интеракција со публиката. Траењето на настапот ќе зависи од енергијата во салата и од расположението на посетителите.
На сцената ќе настапат 16 до 17 музичари, а покрај авторските композиции на дуото, ќе се изведуваат и познати хитови и евергрини. Организаторите најавуваат и специјални гости, чии имиња засега остануваат изненадување за публиката.
Концертите се замислени како кулминација на нивната долгогодишна музичка работа и како вечер посветена на љубовта и жената. Проектот „Уште ми фалиш“ за Спасов претставува силна мотивација и нова енергија, додека Митевски потенцира дека настанот треба да биде вистински празник исполнет со емоции.
Директорот на театарот, Никола Кимовски, нагласи дека МНТ треба да биде простор за врвни културни настани, без разлика дали станува збор за театар или музика, и изрази задоволство што токму оваа сцена ќе биде домаќин на концертите.
Во пресрет на настапите, дуото ја претстави и својата прва винил-плоча „Уште ми фалиш“, која може да се нарача онлајн и доаѓа со потпис од авторите.
Со богата продукција, бројни музичари и неколкучасовна програма, „Дамите бираат“ ветува концертно доживување што ќе остави силен белег во мартовската културна понуда во Скопје.
новинар Никола Арсов

