„Пред дождот“, македонскиот светски признат класик на Милчо Манчевски, филмот што го градеше идентитетот и му даде лице на името Македонија ќе ја прослави 30-годишнината со гала златна премиера на реставрирана копија. Овој настан, на 9 декември, во 20 часот во Филхармонијата одбележува 30 години од најголемиот успех на Македонија – не само во културата, туку и воопшто. Oва е прв и засега единствен пат македонско дело да победи на најважен светски мегдан. „Пред дождот“ во 1994 година го освои Златниот лав, во Венеција тоа беше првпат македонско дело не само да учествува рамноправно во светска конкуренција, туку и да победи. „’Пред дождот’ ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт во февруари 1995 за американската премиера на филмот.