Топлотниот бран со температури до 41 степен продолжува и во следните два дена, а освежување продор на посвежа воздушна маса од север се очекува од задутре. Управата за хидрометеоролошки работи за денеска најави сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен. Попладне има услови за локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од југозападен правец.
И утре ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец.
Според прогнозата на УХМР, во среда, а особено во четврток поради продор на посвежа воздушна маса од север ќе има значително опаѓање на дневната температура. Ќе дува засилен северен ветер, а претежно во северните делови ќе има повремен дожд.
Поради високите температури, минатата недела во петок беше активирана фазата 3 од Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови, а Владата донесе препораки за заштита на населението кои ќе траат до вторник, 8 јули.

