Неодамнешната дискусија на популарната Reddit-страница r/AskBalkans повторно го разгоре старото прашање: кој главен град на Балканот е најнепривлечен? Во стотици коментари, корисници од целиот регион не штедеа зборови, а резултатот беше речиси „мртва трка“ помеѓу Подгорица и Скопје.
Многумина го посочија Скопје како град што особено разочарува. Критиките главно се фокусираа на хроничниот проблем со нехигиената – преполни контејнери што често прелеваат, ѓубре расфрлано по тротоари и паркови, како и општо чувство на запуштеност. Посебно се критикуваа влезовите и излезите од градот, кои многумина ги опишаа како депресивни и неуредени, како и дел од туристичките и централните зони каде што спомениците и обележјата не успеваат да ја „спасат“ сликата поради околината.
Од друга страна, Подгорица често ја доби титулата „најгрда престолнина во Европа“ или „град што изгледа како големо село“. Корисниците ја обвинија за недостаток на урбанистичка визија, монотон изглед, премногу бетонирани површини и слаба интеграција на природата (и покрај близината на реката Морача). Некои дури рекоа дека е „најмалку интересниот“ главен град во регионот.
Интересно е што дури и „поголемите имиња“ не беа поштедени. Атина беше критикувана поради хаотичната урбана густина околу античките локалитети, Букурешт и Софија поради делови со советски и пост-социјалистички изглед, а Приштина и Тирана често се споменуваа како „хаотични и неуредени“.
