Грчките власти најавија воведување на нов пакет мерки чија цел е да се забрза протокот на патници и товарни возила на граничните премини, како и да се намалат долгите задржувања кои во последниот период се бележат на премините Евзони и Кипи. Мерките доаѓаат како реакција на зголемениот интензитет на патен сообраќај, особено со почетокот на туристичката сезона и растечкиот обем на товарен транспорт кон и од Грција.
Одлуката е донесена на работна средба одржана во Солун, која била свикана од заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Констандинос Гулекас.
Според информациите од грчките власти, главната причина за воведување на новите мерки е значителниот пораст на бројот на патници во текот на летните месеци, како и засилениот товарен сообраќај. Овој зголемен проток создава дополнителен притисок врз инфраструктурата и оперативните капацитети на граничните премини, што резултира со подолги чекања и побавно извршување на контролите.
Дополнителен фактор што влијае врз забавувањето на протокот е и воведувањето на новиот европски систем ЕЕС (Entry/Exit System), кој предвидува задолжителна биометриска проверка при влез и излез од земјите на Шенген зоната.
Грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, истакнал дека Грција е должна целосно да ги почитува и применува европските регулативи, вклучително и новиот систем, без можност за нивно одложување или заобиколување. Тој нагласил дека безбедносните стандарди на Европската Унија се приоритет, и дека сите земји членки мора да обезбедат нивна доследна примена.
Во исто време, министерот посочил дека веќе пристигнале реакции и поплаки од некои соседни држави, меѓу кои Македонија и Србија, токму поради зголемените задржувања на границите и подолгото време на чекање за влез во Грција. Овие реакции, според него, ќе бидат разгледани во рамки на регионалната соработка и координација.
Со најавените мерки, грчките власти очекуваат подобра организација на работата на граничните премини, поефикасно управување со сообраќајните текови и значително намалување на гужвите, особено во шпицот на летната туристичка сезона кога се бележи најголем притисок на патиштата кон јужните дестинации.
Инаклу само вчера за влез во Македонија се чекаше и повеќе од два часа, а колоните од возила се протегаа на неколку километри.
