Борачот Зоран Шоров од клубот Балканец го освои победничкиот трофеј на меѓународниот турнир во борење „Трофеј штипски боречки асови“, кој денеска се одржа во спортскиот центар „Џексон“ во Штип.

На турнирот беа доделени признанија и за најуспешните учесници во повеќе категории. За најдобар домашен борач беше прогласен Филип Тодоров, додека признанието за најдобар техничар му припадна на Дарио Ѓуров.

Титулата најдобар странски борач ја освои Атанас Костадинов од Бугарија. Меѓу наградените се најдоа и Лана Николова, која беше прогласена за најдобар талент, како и Бојана Ковачова, која го доби признанието за најдобра борачка.

Ова издание на „Трофеј штипски боречки асови“ собра натпреварувачи од повеќе земји, меѓу кои Бугарија, Србија, Косово, Грција и Македонија, овозможувајќи квалитетни борби и меѓународно спортско дружење во Штип.

Новинар Никола.А

02/11/2026