Номинациите за наградата Златен глобус 2023 се објавени а со тоа почнува сезоната на холивудските филмски награди. Годинава, во трка се звучни имиња од актери до режисери и продукции. Златниот глобус го доделува Холивудското здружение на странски новинари. 79. Златни глобуси за 2023 година, чиј домаќин е Џерод Кармајкл, треба да се емитува во живо од Беверли Хилтон на 10 јануари. Кога сме веќе кај филмските награди 95-те по ред Оскари ќе се одржат на 12 март 2023 година додека номинациите ќе бидат објавени на 24 јануари.
Трагикомедијата на Мартин Мекдона „Тажачките на Инишерин“ заработи осум номинации, меѓу кои и за актерите Колин Фарел, Брендан Глисон, Кери Кондон и Бери Киохан, а акционата авантура „Сè насекаде одеднаш“ седум, вклучувајќи ги и главните ѕвезди Мишел Јео, Џејми Ли Кертис и Ке Хуј Кван. Покрај нив, за најдобра комедија/мјузикл се номинирани „Нож во грб 2“, „Вавилон“ и „Триаголник на тагата“.
Во конкуренција за најдобра драма се „Фејбелменови“, „Топ ган: Маверик“, „Елвис“, „Тар“ и „Аватар: Патот на водата“.
За најдобра актерка во драма се номинирани Ана де Армас, Мишел Вилијамс, Оливија Колман, Вајола Дејвис и Кејт Бланшет.
За Златен глобус за најдобар режисер ќе се борат Баз Лурман за „Елвис“, Стивен Спилберг за „Фејбелменови“, Џејмс Камерон за „Аватар 2“, Ден Кван и Даниел Шајнерт за „Сè насекаде одеднаш“ и Мартин Мекдона за „Тажачките на Инишерин“.