Од почетокот на следната недела Македонија ќе биде под силно влијание на суптропски антициклон, кој ќе донесе долг период на стабилно, суво и претежно сончево време, проследено со екстремно високи температури.

До вторник, 30 јуни, времето ќе остане без значителни промени. Максималните дневни температури речиси насекаде ќе бидат над 30 степени, додека во Повардарието и во југоисточните делови од земјата живата во термометарот ќе се искачува до околу 40 степени Целзиусови.

Освен пеколните денови, граѓаните ќе се соочат и со тропски ноќи. Во многу места минималната температура нема да се спушта под 20 степени, што ќе значи отежнато разладување и во текот на ноќта. Повремено ќе дува умерен до засилен ветер од источен и североисточен правец, кој локално ќе има фенски карактер и дополнително ќе придонесува за чувството на жештина.

Слична е состојбата и во поголем дел од Европа. Моќен топлотен бран го зафаќа јужниот, централниот и југоисточниот дел од континентот, каде во повеќе земји се очекуваат температури меѓу 35 и 42 степени. Најпогодени ќе бидат делови од Балканот, Италија, Грција, Шпанија и јужна Франција, каде метеоролозите предупредуваат на зголемен ризик од топлотен стрес, суша и појава на шумски пожари.

Надлежните препорачуваат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да бидат особено внимателни со децата, повозрасните лица и хронично болните, бидејќи екстремно високите температури можат сериозно да влијаат врз здравјето.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *