Oбожаватели од сите генерации синоќа се собраа пред арената „Борис Трајковски“ за да му оддадат почит на Владо Јаневски, еден од најпрепознатливите гласови на македонската музика. Тивко, достоинствено и со многу емоции, тие се простија од човекот чии песни останаа дел од животите на илјадници луѓе.
Пред платото на спортскиот центар се собраа почитувачи кои пораснале со неговата музика, но и помлади генерации што го препознаваа како автор, пејач и симбол на една посебна македонска емоција. Атмосферата не била само тажна, туку и полна со благодарност.
Според неофицијални информации, една од неговите последни желби била да биде погребан во облеката што ја носел на настапот на „Макфест“ во Штип, вклучително и сакото со брош. Јаневски остави силен белег на фестивалот, особено со песните „Чаирска романтика“ (1993), со која освои второ место, и „Еден бакнеж“ (1994), која подоцна го однесе и на „Славјански базар“ во Белорусија.
По подолга пауза, тој повторно се врати на сцената на „Макфест“ во 2023 година со песната „Златни години“, потврдувајќи ја својата трајна врска со фестивалот и македонската музичка сцена.

