Македонската музичка сцена остана без една од своите најголеми ѕвезди. По кратко боледување на 65 годишна возраст почина Владо Јаневски легендарниот поп-пејач, композитор и кантавтор.
Тој починал на една од скопските клиники, а веста предизвика огромна тага кај неговите обожаватели, колеги и јавноста. Социјалните мрежи се преплавени со пораки на сочувство, фотографии и спомени за човекот чии песни повеќе од три децении беа дел од животот на генерации Македонци.
Роден на 27 ноември 1960 година во Скопје, Владо Јаневски дипломирал на Филолошкиот факултет на отсекот англиски јазик и литература. Покрај англискиот, зборувал германски, италијански и руски јазик, а уште од младоста музиката станала негов животен повик.
Во својата богата кариера бил член на музичките состави „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“, а свирел клавир, гитара и тапани. Настапувал на бројни домашни и меѓународни фестивали, но засекогаш ќе остане запаметен како првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Бирмингем во 1998 година со песната „Не зори зоро“.
Зад себе остави шест студиски албуми и безвременски хитови како „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“. Неговите песни ќе продолжат да живеат и да бидат дел од македонската музичка историја.
Со заминувањето на Владо Јаневски, Македонија изгуби еден од најпрепознатливите гласови и најголемите автори на современата поп-музика. Зад себе остави богато музичко наследство кое ќе биде инспирација за идните генерации, а неговите песни засекогаш ќе останат во срцата на публиката.
Нека почива во мир.

