Во петте основни училишта во Штип во учебната 2026/2027 година ќе седнат 326 првачиња, што е уште еден показател за континуираниот пад на бројот на ученици во градот. Податокот денеска го соопшти Снежана Санева, раководител на Секторот за образование и ЛЕР во Општина Штип.

Според податоците од Општината, бројот на запишани првачиња е намален за 24 ученици во однос на минатата учебна година, кога во штипските основни училишта биле запишани 360 првоодделенци. Во споредба со учебната 2024/2025 година, падот е уште позначаен – 74 првачиња помалку.

Трендот, според бројките, е јасен: секоја година во Штип има сè помалку деца кои за првпат седнуваат во училишните клупи.

Овој податок не е само статистика за образовниот систем. Намалувањето на бројот на првачиња е еден од најдиректните показатели за демографските промени во градот – помал број млади семејства, иселување и намалување на бројот на деца во генерациите кои доаѓаат.

Пад има и кај средношколците

Слична слика се забележува и во средното образование. Во првиот уписен рок за учебната 2026/2027 година, во штипските средни училишта се запишале 508 ученици во прва година.

Тоа е значителен пад во однос на учебната 2025/2026 година, кога во прва година биле запишани 612 ученици, односно околу 100 ученици повеќе.

Распределбата за новата учебна година е следна:

  • СОУ „Јане Сандански“ – 150 ученици
  • ДСУ РЦСОО „Коле Нехтенин“ – 200 ученици
  • СОУ „Славчо Стојменски“ – 112 ученици
  • СОУ „Димитар Мирасчиев“ – 16 ученици
  • ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – 30 ученици

Од овие бројки се гледа дека најголем број ученици се определиле за „Коле Нехтенин“, со 200 запишани во прва година, додека најмал број има во „Димитар Мирасчиев“, со 16 ученици.

Но, и покрај разликите меѓу училиштата, заедничкиот тренд е намалување на бројот на ученици.

Од основно до факултет – каде исчезнуваат младите?

Интересна е споредбата со бројот на нови студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“. УГД во академската 2025/2026 година запиша околу 1.500 нови студенти, што на прв поглед изгледа како значително поголема бројка од бројот на штипски средношколци кои започнуваат прва година.

Сепак, тука треба да се направи важна разлика: 1.500 е бројка за новозапишани студенти на целиот УГД и не се однесува само на млади од Штип.

Универзитетот има значителен број студенти од други градови и од странство. Во сите години на студии и во подготвителната настава има околу 1.000 странски студенти, при што најбројни се студентите од Турција. Во прва година редовно се запишуваат околу 180 нови странски студенти.

Тоа значи дека дел од бројката на студенти што ја гледаме во Штип не е директно поврзана со демографската состојба на локалното население.

Токму затоа, ако сакаме реално да ја измериме демографската состојба во градот, многу порелевантни се бројките на првачињата и средношколците – тие покажуваат колку деца од локалната средина влегуваат во образовниот систем.

Од се ова можеме слободнода заклучиме дека, доколку ваквиот тренд продолжи последиците нема да се чувствуваат само во училиштата. Помал број ученици значи и помали генерации кои подоцна ќе влезат на пазарот на трудот, а долгорочно и помал број млади луѓе кои ќе останат да живеат, работат и создаваат семејства во Штип.

Од друга страна, присуството на УГД и големиот број студенти од други градови и држави му даваат на Штип специфична предност – градот е образовен центар и привлекува млади. Но, клучното прашање е колку од нив по дипломирањето остануваат во градот.

Затоа, бројката од 326 првачиња треба да биде повеќе од обична статистика. Таа е сигнал дека демографското прашање станува едно од најважните прашања за иднината на Штип.

 

24/08/2026

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *