Со доаѓањето на летниот период на улиците во Штип сè почесто можат да се забележат електрични тротинети, најчесто управувани од малолетници. Иако тие претставуваат практично и современо превозно средство, нивната употреба отвора сериозни прашања за безбедноста во сообраќајот.
Граѓаните и возачите сè почесто реагираат дека деца и тинејџери со електрични тротинети излегуваат ненадејно од споредни улици, тротоари, паркови и пешачки патеки, без претходно да проверат дали е безбедно да се вклучат во сообраќајот. Дополнителен проблем е што дел од нив не носат заштитна кацига, возат по двајца на еден тротинет или се движат со брзина која не е соодветна за градските услови.
Иако законската регулатива предвидува дека електричен тротинет не смеат да управуваат лица помлади од 14 години, задолжително е носење заштитна кацига, забрането е превезување друго лице, а максималната дозволена брзина е 25 километри на час, во пракса овие правила често не се почитуваат.
Ова не е проблем само во големите градови. И во Штип веќе неколку години се бележи зголемено присуство на електрични тротинети а возачите и пешаците предупредуваат дека честопати се движат по коловозите и на места каде што можат да предизвикаат опасни ситуации.
Затоа апелот е двоен. Родителите да бидат повнимателни кога им дозволуваат на своите деца да користат електрични тротинети и да ги запознаат со сообраќајните правила, а возачите на моторни возила да бидат дополнително внимателни особено во близина на паркови, спортски терени и населби каде што најчесто се движат малолетници.
Во меѓувреме, некои европски земји веќе воведуваат построги правила за користење на електричните тротинети. Така, Грција подготвува законски измени со кои на лицата помлади од 18 години целосно ќе им се забрани управување со електрични тротинети, а се предвидуваат и дополнителни мерки за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Овие чекори покажуваат дека прашањето за безбедноста на корисниците на тротинети станува сè поактуелно во регионот.
Сообраќајната несреќа не се најавува. Еден непромислен потег на малолетник со тротинет или секунда невнимание на возач може да заврши трагично. Затоа, додека трае летниот период и улиците во Штип се преполни со деца и млади, вниманието зад воланот нека биде поголемо од вообичаено.
