Електричен тротинет од денеска не смеат да управуваат малолетни лица, согласно новите измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Од денеска, со ова превозно средство ќе смее да управува само лице кое има наполнето 18 години, наместо досегашната старосна граница од 14 години. На велосипедските патеки и ленти максималната дозволена брзина е 20 километри на час, а на тротоари, пешачки и мешани патеки останува ограничувањето од 6 километри на час.
Овие измени следуваа откако анализите од 2024 до мај 2026 година, покажаа дека на патиштата низ државата во пријавени сообраќајни незгоди учествувале 2,352 возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикл, а од вкупниот број на настрадани возачи на мопеди, електрични тротинети и мотоцикли, 46 лица загинале, 585 се здобиле со тешки телесни повреди, а 1,347 со полесни телесни повреди.
Согласно новите правила, возачите на електрични тротинети, при преминување преку коловоз или пешачки премин, ако нема велосипедска патека или лента, ќе мора да се симнат од тротинетот и да го туркаат.
Со измените се забранува превезување на друго лице, а во случај на прекршување на ова правило ќе бидат казнети и возачот и патникот.
Носењето кацига отсега е задолжително за сите возачи, а и понатаму останува обврската за користење рефлектирачки елек при ноќно возење или во услови на намалена видливост.

