По возбудувањата во осминафиналето, денес (8 јули) на Светското првенство во фудбал 2026 нема натпревари. Репрезентациите што останаа во игра ги користат последните подготовки пред четвртфиналните дуели, кои започнуваат утре и ќе го дадат одговорот кои четири селекции ќе се борат за место во големото финале.
Во конкуренција за светската титула останаа осум репрезентации: Франција, Мароко, Шпанија, Белгија, Норвешка, Англија, Аргентина и Швајцарија.
Осминафиналето донесе неколку големи изненадувања. Норвешка го елиминираше Бразил со 2:0, предводена од Ерлинг Халанд, Шпанија ја совлада Португалија со 1:0, а Англија по драматичен натпревар го елиминира домаќинот Мексико со 3:2. Во последните два дуели, Аргентина направи спектакуларен пресврт против Египет и победи со 3:2, додека Швајцарија ја елиминира Колумбија по изведување пенали.
Од овој дел на натпреварувањето, сите преостанати натпревари ќе се играат во Соединетите Американски Држави.
Распоред на четвртфиналните натпревари:
9 јули (четврток)
- Франција – Мароко (Бостон)
10 јули (петок)
- Шпанија – Белгија (Лос Анџелес)
11 јули (сабота)
- Норвешка – Англија (Мајами)
- Аргентина – Швајцарија (Канзас Сити)
Полуфиналните натпревари ќе се одиграат на 14 и 15 јули, а финалето е закажано за 19 јули на стадионот „Метлајф“ во Ист Радерфорд, во близина на Њујорк.
Во трката за „Златната копачка“ води Лионел Меси со осум погодоци. Зад него се Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд со по седум голови, додека Хари Кејн има шест.
По елиминацијата на неколку големи фаворити, борбата за светската титула останува целосно отворена, а четвртфиналните натпревари се очекува да донесат нови возбудувања и неизвесност во завршницата на Мундијалот.

