Денес во светот се слави денот на кафето, најпопуларниот пијалок, без кој повеќето жители на светот не можат да го замислат почетокот на денот.
До неодамна, овој ден се славеше во повеќето земји на 29 септември, но како што беше утврдено од Меѓународната организација за кафе, првиот официјален датум е 1 октомври, кој за прв пат се славеше во 2015 година во Милано. Така, овој датум се користи за промовирање и славење на кафето како пијалок, и е пропратен со многу настани низ целиот свет.
Многумина не можат да замислат ден без него. Овој пијалок го консумираат многу луѓе ширум светот и се смета за најпопуларниот пијалок на планетата, после водата. Кафето никогаш не било попопуларно и се проценува дека дневно се пијат три милијарди чаши од овој пијалок.
На овој ден, исто така, им се оддава почит на луѓето ширум светот – тие што одгледуваат кафе, земјоделци, сопственици на кафулиња и многу други кои вредно се вклучени во правењето на пијалокот што сите го сакаме.
Постојат неколку начини за подготовка на кафе, а меѓу најпознатите се турското кафе, еспресо, капучино. Растенијата за кафе се одгледуваат во 70 земји, пред се во екваторијалните региони на Јужна Америка, Јужна Азија, Индија и Африка.
Откриено е во Етиопија, според легендата, кога еден овчар го забележал невообичаеното однесување на неговите кози, кои станале хиперактивни откако собрале црвени бобинки од грмушките.
Турците и Холанѓаните го донесле во Европа, каде што Финците најмногу го пијат. Американците се најголемите потрошувачи на кафе во светот, бидејќи пијат околу 450 милиони чаши дневно.
Најголеми извозници на кафе се Бразил и Виетнам, потоа Колумбија, Хондурас, Индија и Индонезија.
Кога се зрели, зрната кафе се собираат, се обработуваат и сушат, по што се печат и се мелат, а кафето е пијалок што се подготвува со готвење печени семиња од растенија од кафе, обично во вода или млеко.
Кофеинот, како состојка во кафето, позитивно влијае на расположението и будноста, спречува пад на концентрацијата и ја намалува депресијата и вознемиреноста. Смртоносната доза на кофеин е 100 шолји кафе.
Експертите тврдат дека максималната безопасна количина е девет чаши дневно, но бидејќи ефектот на кофеинот се губи за четири до шест часа, дневната доза може да биде уште поголема.