Советот на општина Штип ја започна постапката за продажба на мнозинскиот дел од акции на Фудбалскиот клуб „Брегалница“-Штип, кои во моментов се во сопственост на Општината. На последната седница на Советот советниците дадоа зелено светло, односно прифатија да почне постапката за продажба на акциите на ФК „Брегалница“.
За потсетување Општина Штип секоја година одвојува околу 16 милиони денари за спорт, но најголемиот дел од тие средства со години се насочуваа кон Фудбалскиот клуб „Брегалница“ односно високи 70%, додека пак останатите спортски клубови добиваа значително помал дел од општинскиот буџет.
По најавата за продажба на акциите на клубот, се отвора дилемата дали во иднина ќе има порамномерна распределба на средствата?
Во спортската јавност веќе се поставува прашањето дали со евентуалното приватизирање на „Брегалница“, Општината ќе може повеќе средства да насочи и кон останатите клубови, кои со години функционираат со далеку помали буџети а имаат добри резулати.
Инаку на последната седница на Советот на општината беше посочено дека интерес за купување на акциите пројавил германскиот државјанин Соломон Франк Петар.
За загарантирана годишна минимална инвестиција од 600.000 евра, германскиот фудбалски инвеститор Франк Саломон ќе го превземе менаџирањето на ФК Брегалница Штип. Понуда за која со месеци се зборуваше низ фудбалските кулоари низ земјава и понуда која најверојатно ќе стана реалност за оттуѓување на 51% од акциите на фудбалскиот клуб.
