Познатите „Печурки“ во штипската населба Автокоманда, место каде повеќе од три децении егзистираат десетици семејства, многу наскоро заминуваат во историјата. На просторот каде со години функционираат занаетчиски дуќани, кафеани, месари и продавници, според плановите ќе се гради 16-катница.

На неодамнешната аукција беше продадено едно од најголемите градежни земјишта во внатрешноста на градот. Станува збор за парцела од 5.693 квадратни метри во Автокоманда, на која е предвидена колективна станбена зграда.

Но, промената не предизвикува реакции само кај сопствениците на дуќаните. Станарите од околните згради стравуваат дека со изградбата на новиот објект дополнително ќе се оптовари просторот кој и онака има недостиг од зелени површини и паркови.

Особено загрижени се за урбанистичката слика на овој дел од Штип. Дрворедите и високите насади, кои самите жители ги засадувале и негувале повеќе од три децении, сега се соочуваат со опасност од уништување. Наместо зеленило и простор за одмор, велат жителите, ќе добијат уште еден бетонизиран простор.
Дополнителен проблем, според соседите, е и влијанието врз панорамата на градот. Жителите стравуваат дека новата висококатница ќе им го ограничи погледот кон една од најпрепознатливите знаменитости на Штип – тврдината Исар.

Инаку „Печурките“ се формирани пред околу 33 години како времени објекти, но со текот на времето прераснаа во препознатлив дел од градскиот живот. Во нив работеа околу 70 сопственици на дуќани, за кои овие мали деловни простори претставуваат основен извор на егзистенција.

Според информациите нов сопственик на земјиштето е Ивица Георгиевски – Фред, поранешен пратеник и поранешен директор на Агенцијата за млади и спорт, кој денес работи во приватниот сектор, со бизниси поврзани со градежништвото, угостителството и енергетиката.
Едно е сигурно – доколку плановите се реализираат, „Печурките“ какви што ги знаат штипјани повеќе од три децении ќе останат само дел од историјата на градот.

14/08/2026

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *