Општина Штип продолжува со трендот на издавање под закуп на новоизградени капитални објекти. По Дино паркот, сега и затворениот базен кој неодамна беше пуштен во употреба, ќе биде даден на управување на приватен оператор.
Според предлог-одлуката на општината, почетната месечна закупнина е утврдена на 152.321 денари, што претставува 0,5 проценти од проценетата вредност на објектот. Од локалната власт објаснуваат дека ваквиот чекор се должи на недостиг од човечки ресурси и потребата од поефикасно управување со базенот.
Закупувачот ќе има обврска да инвестира во модернизација на системите, вклучително и замена на постојните пумпи со енергетски ефикасни топлотни пумпи, подобрување на целокупниот енергетски систем со цел намалување на трошоците за електрична енергија, како и воведување електронска продажба на билети. Дополнително, се предвидува базенот да функционира 24 часа дневно, со целосно одржување на хигиената и инфраструктурата.
Иако ваквиот модел можеби ќе донесе ефикасност и намалени трошоци, се поставува прашањето зошто општината инвестира значителни средства во изградба на објекти, а потоа веднаш ги препушта на приватен сектор?
Според првичните проценки, покриениот базен требаше да чини 600.000 евра, сумата беше зголемена поради долгото одложување на работите. Пред 7 години, тогашната Агенција за млади и спорт најави изградба на зимски базени во 14 градови во Македонија, од кои се изградија само два.
