Објавена новелата „До_адната книга“ на Стефан Марковски  на 157 страници во издание на Современост – Скопје. Дејството во новелата е динамично, со разгранета, сложена и нелинеарно структурирана композиција, подлегнувајќи на постојани и тешко предвидливи пресврти, кои освен што ја одразуваат повеќеслојноста на самата реалност, ја наоѓаат својата улога и како дел од експериментот кој е и централна тема.

За книгата, драмската авторка м-р Катерина Момева во освртот пишува: „Преку ироничен дискурс, Марковски ни го претставува демократскиот систем изобличувајќи го до степен на апсурд, еуфоријата од револуцијата како извор на декаденција каде што причините за истата немаат значење – револуцијата не ги јаде своите деца, децата не се ни раѓаат… Важноста на ова книжевно остварување е во постапките со кои целото е создадено, кои се крајно инвентивни и невообичани, во обид да се прекршат некои постулати во книжевноста, а сепак доследно и консеквентно, искреирано со крајно истанчен вкус, со интелектуална префинетост која предизвикува оригинални естетички толкувања. Ова е дело кое во себе ја содржи постапката на расплетување, следејќи ја свеста и процесите што се случуваат кога ти е наметнатa вина, бидејќи наметнатата вина предизвикува понекогаш поголемо страдање од самата вина, докажувањето на невиноста е исто така макотрпен процес. Притоа темата која ја одбира и разработува е многу актуелна, бидејќи во последно време одредени движења за родова еднаквост се фокусирани на жртвата на жената и го исклучуваат мажот како можна жртва, особено на некои општествени движења.

Секогаш оригинален во аспектите од кои го толкува придонесот на човековата егзистенција во крајно несовршениот свет, Марковски одново нè соочува со слабостите и доблестите на индивидуата и нејзините размисли за подобро суштествување.“

„До_адната книга“ е дваесетта книга, но и прва новела на Марковски. Според меѓународната стандардизација, прозните дела кои се составени од помалку од 40 000 зборови спаѓаат во оваа книжевна категорија.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *