Пијанистот Симон Трпчески и Лондонскиот симфониски оркестар со диригентот Џанандреа Нозеда од Италија на 7-ми и 10-ти декември во салата „Барбикан“ во Лондон хронолошки ги изведоа првиот и вториот концерт за пијано и оркестар на Брамс, при што наидоа на позитивни рецензии во лондонските медиуми, информира „КултурОп“.
Кон првата концертна вечер на која екипата го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Брамс, критичарот на порталот за класична музика „Бахтрек“, Рој Вестбрук напиша дека солистот Симон Трпчески покажа целосно владеење на пијанистичката делница, вешто снаоѓајќи се низ нејзината очигледно незгодна испишаност за тастатурата.
-Односот на пијаното со оркестарот се менува од утеха до конфронтација. Успеа и во двете, а посебно беше импресивен во првото… Адаџото беше благослов, соодветно затоа што ракописот е напишан Benedictus qui venit in nomine Domini. Без разлика дали се однесува на трагедијата на Роберт Шуман или не, тоа влијаеше врз пијанистот. Трпчески постави живо темпо во стартот на финалето, а еланот во неговото свирење и изведбата на Лондонскиот симфониски оркестар заработија искрени овации во преполната сала, пишува Вестбрук.
Инаку, снимката од изведбата на Вториот концерт за пијано и оркестар со Трпчески, Нозеда и ЛСО ќе биде емитувана на Третата програма на Би-Би-Си на 19 февруари.
Симон Трпчески концертната 2023 година ќе ја заокружи на 23 декември во салата „Коларац“ во Белград каде што со Симфонискиот оркестар на Српската радио-телевизија под палката на шеф-диригентот Бојан Суѓиќ ќе го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Сергеј Рахманинов.