Македонските ракометари направија голем чекор наназад кон пласман на Европското првенство. Словенечките репрезентативци на гости во Скопје ја совладаа македонската репрезентација со 32:26 и се зацврстија на првото место во групата 1 со максимални шест бода, додека нашите останаа на два и моментално се на третата позиција, зад Литванија која собра четири.

Македонските ракометари водеа по првото полувреме со 16:15, но во вториот дел многу подобра беше Словенија која го доби со 17:10 и на крајот победи со убедливи 32:26.

Селекторот Лазаров по натпреварот се обиде да ги издвои најважните моменти од натпреварот, потенцирајќи дека нашите репрезентативци биле разочарани поради минималната предност на полувремето..

– Одигравме одлично во првите 20 минути, бевме предобри и не заслуживме да водиме само со еден гол на паузата.

– Момците беа разочарани, а во вториот дел се почувствува дека имаме послаба ротација, денеска ни недостасуваше и Никола Марковски.

– Нашата цел е пласман на ЕП, утре можеби ќе жалиме затоа што можевме подобро. Тешко е да држиш Македонец свесен и трезвен по добар резултат, ова треба да биде уште една лекција за нашиот менталитет, – изјави Лазаров.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *