На македонско-грчка граница строго се почитуваат правилата со новото уставно име. Се враќаат сите патници кои имаат документи со старото име, поточно со стари пасоши и сообраќајни. Според информации на Прес24, патници со нов пасош, а стара сообраќајна дозвола биле враќани утрово на ГП Богородица.
Меѓутоа, неофицијално, на граничните премини со Србија и Косово граѓаните биле пропуштани и со стари документи. Информацијата се уште не може официјално да се потврди кај српските власти.
Техничкиот премиер Талат Џафери вели дека 650 илјади македонски граѓани, кои немаат пасоши со „Северна“, ниту имаат потреба, ниту пак има можност да ја напуштат државата во ист ден. За граѓаните кои не успеале досега да ги заменат пасошите, Џафери денеска на настан во Тетово рече дека треба да се најават и да се обратат до подрачните единици на МВР за да можат да покренат постапка за замена на документите.
Од денеска, граѓаните без нов пасош со „Северна“ не можат да ја напуштат државата, поради примена на член 10 од Преспанската спогодба, откако помина петгодишниот преоден рок.