Она што Светската фудбалска федерација (ФИФА) првично го претстави како медицинска мерка за заштита на здравјето на фудбалерите при високите температури во САД, Канада и Мексико, за само неколку недели се претвори во најголемата економска револуција на Светското првенство.

Паузите за хидратација, или триминутните прекини на играта што се воведуваат околу 22-та и 67-та минута од натпреварот, предизвикаа негодување кај фудбалските фанови, но исто така станаа апсолутен хит и златен рудник за глобалната телевизиска индустрија.

Овие паузи отворија рекламен простор што беше незамислив во фудбалот со децении, засекогаш менувајќи го начинот на кој спортот се продава и консумира на телевизија.

Фудбалот е најпопуларниот спорт, но традиционално е и најмалку привлечен спорт за телевизиските огласувачи поради континуираното времетраење на играта и недостатокот на природни паузи, за разлика од американските спортови како што се НБА или НФЛ, или ракометот, тенисот… Сега со воведувањето на официјални паузи за рехидратација целосно се променија правилата на играта.

Селекторот на Франција, Дидие Дешан, ја опиша новата реалност директно, но искрено: „Овие триминутни паузи прекинуваат сè, но индустријата е среќна затоа што има повеќе реклами. Сега ќе играме четири четвртини.“

Податоците од аналитички компании како што е iSpot потврдуваат дека комерцијалниот бум не е претерување. Поради поголемиот број натпревари на овогодинешното првенство (104 натпревари во споредба со 64 во Катар) и воведувањето паузи за хидратација, бројот на телевизиски рекламни прикажувања во Соединетите Американски Држави е речиси трипати зголемен во споредба со 2022 година.

Во Франција, една реклама од 20 секунди за време на пауза за хидратација се продава за дури 425.000 евра. Оваа цена е само малку пониска од рекламите за време на продолженијата или изведувањето на пенали. Приоритет при купувањето на овој простор имаат официјалните спонзори на ФИФА како што се Кока-Кола и нафтениот гигант Арамко.

Во Соединетите Американски Држави, Фокс пронајде рудник за злато. Полуминутните реклами за време на натпреварите чинат помеѓу 200.000 и 750.000 долари. Тоа значи дека 624-те минути паузи за хидратација за време на 104-те натпревари на Светското првенство би можеле да генерираат повеќе од 500 милиони долари приходи од рекламирање – повеќе од 485-те милиони долари што Фокс ги плати за ТВ права во овој циклус.

Благодарение на овој нов модел, ФИФА собра огромни 3,925 милијарди долари од продажба на медиумски права, што е зголемување од 36 проценти во однос на Светското првенство во Катар.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *