Македонскиот одбојкарски шампион УГД Штип го дозна својот прв противник во квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите. На денешната ждрепка одржана во Луксембург, штипскиот тим беше спарен со актуелниот шампион на Холандија – Орион Старс.
За УГД Штип ова ќе биде историски настап во најелитното европско клупско натпреварување, откако минатата сезона ја освои двојната домашна круна – шампионската титула и Купот на Македонија. Со тоа, клубот за првпат ќе ја претставува Штип на највисоката европска одбојкарска сцена.
Холандскиот првак важи за еден од најсилните и најнезгодните можни противници во оваа фаза од натпреварувањето, но избраниците на тренерот Кристиjан Ристески ќе имаат можност да ги одмерат силите со реномиран европски клуб и да се обидат да приредат изненадување.
Првиот натпревар ќе се одигра во Холандија во периодот од 20 до 22 октомври, додека реваншот е закажан една недела подоцна, од 27 до 29 октомври, кога УГД Штип ќе биде домаќин пред својата публика.
