Додека Националниот парк Скадарско Езеро во Црна Гора е прогласен за еден од 14-те нови резервати на биосферата во светот од страна на УНЕСКО, вниманието во регионот останува насочено и кон иднината на Охридскиот Регион, кој ова лето повторно ќе биде тема на Комитетот за светско наследство.

На следната сесија на УНЕСКО, која ќе се одржи во Јужна Кореја, се очекува одлука дали Охридскиот Регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност или ќе добие дополнителен период за спроведување на препораките за заштита на неговите природни и културни вредности.

Во период кога меѓународната заедница сè погласно алармира за потребата од поголема грижа за природното наследство, на Охридското Езеро се одржа меѓународна еко-акција за чистење на езерото. Во акцијата учествуваа нуркачки клубови од Македонија, како и гости од Србија и Хрватска, а поддршка дадоа и бројни волонтери, граѓани, еколошки активисти и љубители на природата.

Целта на акцијата беше не само отстранување на отпадот од езерското дно и крајбрежјето, туку и подигнување на јавната свест за значењето на заштитата на Охридското Езеро едно од најстарите и највредни природни богатства во Европа.

Настанот испрати силна порака дека зачувувањето на природното наследство бара континуирана грижа и заедничка одговорност, особено во момент кога идниот статус на Охридскиот Регион пред УНЕСКО останува едно од најважните еколошки и општествени прашања во земјата.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *