Листата на најмоќните жени во светот, креирана од американскиот бизнис-магазин „Форбс“, дава процена на влијанието и моќта на жените низ светот во различни сфери, вклучувајќи ги политиката, бизнисот, филантропијата и забавата. Оваа листа се објавува на крајот на секоја година и вклучува 100 жени што оставиле значаен белег во своите области.
Прва на листата на најмоќни жени за 2023 година, според „Форбс“, е Урсула фон дер Лејен. Претседателката на Европската комисија уште еднаш ја потврди својата доминација во светот, бранејќи ја минатогодишната прва позиција на листата на „Форбс“ за највлијателни жени.

Вицешампионка меѓу моќните жени во светот е Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка, која е препознаена по своето влијание и присуство на меѓународната сцена. Камала Харис, потпретседателката на Соединетите Американски Држави, е на третото место на листата на престижното списание.

Џорџа Мелони, премиерката на Италија, е четврта, а американската пејачка и текстописец Тејлор Свифт е петта. Таа стана милијардерка минатиот октомври, благодарение на приходите од нејзината турнеја.
На листата на „Форбс“ се и Карен Линч, извршна директорка на „ЦВС хелт“, Џејн Фрејзер, извршна директорка на „Цитигруп“, Абигејл Џонсон, претседателка и извршна директорка на „Фиделити инвестментс“, Мери Бара, извршна директорка на „Џенерал моторс“, и на десеттото место е Мелинда Френч Гејтс, коосновачка на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ – поранешната сопруга на некогаш најбогатиот човек на светот е позната по својата филантропија. Фондацијата, основана во 2000 година, досега донирала повеќе од 50 милијарди долари за различни хуманитарни потреби.

Американската пејачка Бијонсе е на 36-то, Фиби Новаковиќ, американска бизнисменка со српско потекло, на 29-то, Опра Винфри на 31-то, а пејачката Ријана на 74-то место на листата на моќни жени на „Форбс“.

– Како и секогаш, листата на најмоќни жени за 2023 година беше составена врз основа на четири главни критериуми: пари, медиуми, влијание и сфера на влијание. Резултатот е 100 жени што ги обликуваат политиките, производите и политичката борба, кои го дефинираат нашиот свет – пишува „Форбс“.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *