Возачите кои секојдневно го користат најстариот мост на реката Брегалница во Штип во наредниот период треба да возат со зголемено внимание и да сметаат на можни задржувања. Поради реконструктивни зафати, до крајот на летото сообраќајот на мостот ќе се одвива наизменично по една сообраќајна лента, а регулирањето e со поставени семафори.

Мостот, долг речиси 100 метри и висок околу 20 метри, претставува еден од најпрепознатливите инфраструктурни објекти во Штип и има богата историја. За време на неговата изградба се случила трагедија кога се урнало дрвено скеле, при што животот го загубиле двајца мајстори.

Со децении овој мост е главната влезна сообраќајна врска кон Штип и е меѓу најоптоварените во источниот регион. Според претходни анализи, по него дневно минуваат неколку илјади возила, додека месечната фреквенција достигнува околу 100.000 моторни возила, меѓу кои има и голем број товарни камиони.

Реконструкцијата има за цел да ја подобри безбедноста и да го продолжи работниот век на мостот, кој и покрај својата старост останува една од најважните сообраќајни артерии во градот.

Инаку, Штип денес располага со пет мостови на реката Брегалница. Два од нив се наоѓаат во населбата Ново Село, а во близина на населбата Осми Ноември се наоѓа и познатиот Емир Ќучук Султанов мост, изграден во 1672 година, кој е еден од најстарите зачувани мостови во Македонија.

извор/сакамдакажам.мк

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *