Лионел Меси никогаш не играл против англиската репрезентација, но со години беше кошмар за најголемите клубови од Островот. Аргентинскиот ас остави огромен печат во дуелите со англиските гиганти и создаде статистика која ја потврдува неговата фудбалска класа.
Во дресот на Барселона и ПСЖ, Меси одигра 38 натпревари против англиски клубови, постигна 28 голови и додаде шест асистенции. Најголем плен му беше Арсенал, против кого девет пати ја затресе мрежата во само шест натпревари, вклучувајќи го и незаборавниот четириголен учинок во 2010 година.
Манчестер јунајтед исто така добро го памети аргентинскиот магионичар. Меси постигна голови во двете финалиња на Лигата на шампионите против „црвените ѓаволи“ во 2009 и 2011 година, а Барселона во двата случаи стигна до европскиот трофеј.
Ниту Манчестер сити не најде решение за него. Против „граѓаните“ Меси постигна седум гола и запиша две асистенции, а меѓу најзапомнетите моменти се хет-трикот во 2016 година и двата гола на „Етихад“ во 2015.
Ливерпул, Тотенхем и Челси исто така почувствуваа што значи да се игра против еден од најдобрите фудбалери во историјата. Неговиот слободен удар против Ливерпул во 2019 година остана еден од симболите на Лигата на шампионите, додека против Челси заврши со три гола и три асистенции.

