Групата „Меморија“, во старо-нов состав амбициозно работи на создавањето на новиот носач на звук, што треба да го очекуваме пред Нова година. На публиката веќе ѝ беше претставен синглот „За тебе“, а деновиве беше промовиран и музичкиот колаж, насловен „Македонски бисери“, односно четири македонски патриотски песни, испеани во рок-манир.
– Станува збор за интересна преработка во која се споени четири рефрени на познати македонски народни песни со патриотска содржина. Направени како своевидно медли во која се испреплетуваат препознатливиот гитарски звук и моќните вокали кои ги пеат рефрените на познатите: „Едно име имаме“, „За многу години Македонци“, „Заветна“ и „Налеј , налеј“, создаваат една компактна целина која предизвикува морници кога ќе ја слушнете. Ваквата музичка синтеза на фрагменти од различни целини, толку совршено вклопени едни во други, предизвикува возвишено чувство кај секој патриот, кај секој Македонец кој искрено си ја сака и почитува татковината – велат членовите на „Меморија“.