Грчкиот остров Крит се најде на престижната листа „Best of the World 2026“ на магазинот National Geographic, како една од најдобрите светски дестинации за храна. Покрај ова признание, островот е прогласен и за Европски регион на гастрономијата за 2026 година, благодарение на богатата традиција, локалните производи и автентичната медитеранска кујна.

National Geographic истакнува дека овие дестинации не се само туристички места, туку нудат уникатни приказни, локални вкусови и гастрономски искуства кои долго се паметат. Крит е првата европска дестинација што се најде на листата, а неговата кујна е позната по свежите состојки, маслиновото масло и сезонската храна.

На островот растат околу 40 милиони маслинови дрвја, а токму маслиновото масло се смета за едно од најквалитетните во светот. Благодарение на сончевата клима, плодната земја и близината на морето, Крит изобилува со свежо овошје и зеленчук во текот на целата година. Локалната исхрана се темели на растителни намирници и минимална употреба на преработена храна, што ја прави пример за традиционалната медитеранска исхрана.

Критската кујна нуди бројни специјалитети. Меѓу најпознатите се „стака“, прочистен путер од козјо или овчо млеко, како и различни локални сирења. Популарно јадење е „буреки“, подготвено со компир, тиквички, сирење и нане, додека љубителите на месо често ја избираат традиционалната пита со јагнешко или козјо месо.

На островот и денес се подготвуваат полжави на традиционален начин, пржени во маслиново масло со рузмарин и оцет. За десерт, туристите најчесто ги пробуваат „калитсунија“, мали слатки печива полнети со сирење, мед и цимет.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *