Краткометражниот филм на режисерката Александра Кардалевска со наслов „Сценариото“ (The Script), доживува голем успех на светската филмска сцена, освојувајќи бројни награди и селекции на реномирани фестивали ширум светот.
Досега, филмот има освоено петнаесетина значајни награди, меѓу кои: Наградата од публика на 33-тиот Фестивал на фантастични филмови Манчестер; Големата награда од жирито на Бакунава Фест, Филипини, најстариот и најголем фестивал за жанровски филмови во Азија; награда на CineLibri во Бугарија; награди на Фестивалот Фантазмагорија во Колумбија; Фестивалот Paradise во Унгарија; наградата на Galactic Imaginarium во Романија; Descubierto Fantasy Film Festival во Перу; како и две значајни награди – Главната награда од жирито и Наградата од критиката – на фестивалот Fantasy Day во Италија. Исто така, филмот ја освои наградата за најдобро сценарио на „Balkan Nordic Film Festival“ во Стокхолм и награда за најдобра кинематографија на Cinematic European Film Festival во Романија.
Во „Сценариото“ кое е поддржано од нашата Агенција за филм, играат истакнати актери, меѓу кои се Драгана Костадиновска, Огнен Дранговски, Атанас Атанасовски, Игор Ангелов, Симеон Мони Дамевски и Ана Стојановска. Визуелната естетика на филмот е дело на директорот на фотографија Душан Кардалевски, сценографијата е на Влатко Чачоровски, монтажата е на Блаже Дулев, а дизајнот на звукот го изработи Дарко Спасовски-Пацки. Дизајнот и изработката на костимите се на Онур Озџан, Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска Јорданоска, а шминката е дело на Снежана Ангеловска Живковска. Филмот е во продукција на Лајт Продакшн, во копродукција со Круг Филм и Алка Филмс од Скопје, Ikone Studio од Косово и Kube Studios од Албанија.