Македонската кошаркарска репрезентација со одлична игра во одбраната во последната четвртина дојде до победа над Словачка од 79-75 во меч од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2025 година.

По победата над Данска, Македонија требаше да ја совлада и Словачка за да комплетира успешен старт на претквалификациите. Тоа и се случи, но македонските кошаркари се помачија за да дојдат до триумф повеќе отколку што се очекуваше.

Македонија добро почна во првите минути, имаше предност од 6-2, но Словачка брзо го сврте мечот и дојде до предност. Во еден момент во третиот период Словаците имаа водство и од највисоки 11 поени разлика, 53-42. Тогаш македонските кошаркари почнаа да играат.

До крајот на третиот период Македонија успеа да намали на -4 поени разлика, а добрата игра ја продолжи во последниот период. Ја стегнавме одбраната, примивме само 12 поени во последните 10 минути, а нападот предводен од Димитријевиќ и Јакимовски погодуваше за пресврт и на крајот победа од 79-75.

Димитријевиќ со 20 поени беше најефикасен во нашата репрезентација, Јакимовски и Војдан Стојановски постигнаа по 15, Ѓуровски реализираше 12.

Во нашата група се одигра и мечот меѓу Норвешка и Данска, Норвежаните победија со 99-75.

По две одиграни кола Македонија и Норвешка имаат по две победи, Словачка и Данска по два порази.

Следниот меч на Македонија е на 10. ноември против Норвешка во Скопје.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *