Македонската кошаркарска репрезентација денеска ќе го одигра првиот натпревар од новиот циклус на предквалификации за Европското првенство, а прв противник ќе ни биде селекцијата на Данска, меч кој ќе се одигре во Нествед (19 часот). Со видно изменет состав во однос на последниот натпревар кој кошаркарите го одиграа против Украина, новиот селектор Александар Јончевски ќе се обиде да дојде до далеку подобри резултати во однос на неговиот претходник, Драган Бајиќ.

Имавме нецели две недели подготовки. Првата ја искористивме за базични подготовки во Маврово и успеавме да поставиме систем според играчите со кои располагаме во овој момент, бидејќи, знаеме дека дел од тие играчи не се појавија на овој собир поради оправдани причини, тоа се повреди. Првпат почнуваме едни квалификации за ЕП во кои немаме натурализиран играч, тоа ќе биде голем хендикеп за нас, особено што имаме дефицит на високи играчи и ќе се обидеме со она кое располагаме да одговориме на предизвикот Данска. Секако дека одиме на победа на натпреварите, изјави селекторот Јончевски.

Во составот се повратниците Магдевски и Димитриевиќ како и искусните Војдан Стојановски и Бојан Крстевски, а своја шанса за деби во „црвено-жолтиот“ дрес ќе чека центарот Димитар Пандев.

Поради повреда во последен момент од комбинација отпадна Бобан Стајиќ, а од иста причина и Адем Мекиќ ќе го пропушти првиот квалификациски круг.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *