Кик-бокс клубот „Гладијатор Фајт“ од Штип со голем успех го заврши настапот на престижниот меѓународен турнир Гранд При Сараево, освојувајќи вкупно пет медали – три златни и две сребрени, со што уште еднаш го потврди својот квалитет и континуираниот напредок на меѓународната сцена.
До највисокото место на победничкиот пиедестал стигнаа:
Антонија Тасева во категоријата -65 кг Кик Лајт, која со одлични настапи и сигурни победи заслужено го освои златниот медал.
Леонтина Миткова во јуниорска конкуренција, категорија -65 кг Кик Лајт, покажа извонредна техника и борбеност освојувајќи го првото место.
Најмладиот член на клубот, Максим Иванов приреди вистинско изненадување и со одличен настап стигна до златен медал потврдувајќи дека клубот располага со талентирана нова генерација спортисти.
Сребрени медали освоија:
Антонија Тасева во категоријата -60 кг Кик Лајт додавајќи уште едно одличје во својата успешна турнирска колекција.
Петра Долдурова во категоријата -65 кг Кик Лајт која со борбен и достоинствен настап стигна до финалето и заслужено го освои второто место.
Иако прикажа голема желба и борбеност Јован Јанковски овојпат не успеа да се пласира во зоната на медалите, но неговиот настап претставува дополнително искуство и мотив за идните натпревари.

