Документарниот филм „Мојот син“ на македонскиот автор Маријан Стевановски ја освои највисоката награда – Гран при, односно плакетата „Милтон Манаки“, на 34. Интернационален фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, кој изминатиот викенд се одржа во Битола.
Станува збор за исклучително емотивно и лично филмско остварување, кое ја раскажува потресната приказна за неговиот син Филип Стевановски, музичар, продуцент, пијанист и тромбонист, чиј живот трагично згасна во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Преку филмската приказна, личната болка и загуба се претвораат во силно сведоштво за еден млад живот, музиката, спомените и трагедијата што остави длабоки последици врз семејството, пријателите и целата заедница.
На годинашното издание на фестивалот биле пријавени вкупно 92 документарни филма, од кои 28 се најдоа во официјалната селекција. Жирито доделило награди на 12 филмски остварувања, кои публиката имаше можност да ги проследи во текот на двата фестивалски дена во Малата сала.
Со 34 години фестивалска традиција, „Камера 300“ продолжува да биде значајна платформа за документарниот филм и авторските приказни што ги бележат личните судбини, општествените случувања и настаните кои оставаат неизбришлива трага.
Овојпат, највисокото фестивалско признание замина кај приказна која не е само филмско дело, туку и траен спомен и сведоштво за Филип Стевановски – животот, талентот и музиката што продолжуваат да живеат преку сеќавањата.
Новинар Никола.А
