По пауза од речиси три децении, џудото повторно оживеа во Штип враќајќи го духот на еден од најпочитуваните олимписки боречки спортови. Овој спорт кој потекнува од Јапонија не е само боречка вештина  туку и филозофија што ги учи младите на дисциплина, самоконтрола, почит и истрајност. Во борбите се применуваат различни фрлања зафати и техники со кои натпреварувачите се обидуваат да го совладаат противникот, но суштината на спортот лежи и во фер-плејот, почитта кон противникот и постојаното усовршување.

Повторното активирање на џудото во Штип претставува значаен чекор за развојот на спортот  и отвора нови можности за младите генерации. Со обновени тренинзи, ентузијазам и желба за успех, џудото повторно добива свое место на спортската сцена, носејќи надеж за создавање идни шампиони и промовирање на здрави животни вредности.

„Во џудото е забрането удирање, но дозволени се падови, техники и фрлања. Овој спорт го зајакнува духот кај секој ученик, без разлика на возраста, а воедно учи и на дисциплина“, изјави тренерот Ѓоше Хубрев.

На прашањето дали во иднина љубителите на џудото можат да очекуваат натпревари и надвор од Штип, Хубрев истакна дека засега приоритет е совладувањето на основните техники. Според него, кога децата ќе бидат целосно подготвени за џудо борби што се очекува по околу една година, тогаш ќе следуваат и првите натпревари.

Со голема мотивација, дисциплина и желба за напредок тренираат и младите ученици кои полека, но сигурно  ги прават своите први чекори во овој спорт. Даниел Зафиров, Никола Ташков и Михајло Кралев за AngelsFM ги споделија своите импресии и цели.

„Најмногу ме инспирираа движењата и техниките во џудото. Мојата најголема желба е еден ден да станам шампион, да настапувам на светски првенства и да победувам на натпревари“, вели Даниел Зафиров.

За Никола Ташков, џудото не е само спорт, туку и уметност. И покрај предизвиците што ги носи, тој не размислува за откажување и верува дека со труд и посветеност ќе продолжи да напредува. Дополнителна мотивација му претставува и поддршката од неговиот тренер.

Михајло Кралев истакна дека џудото позитивно влијаело врз неговата дисциплина, не само во салата, туку и во секојдневниот живот. Во иднина, тој се гледа себеси како натпреварувач кој ќе учествува на големи и значајни турнири.

Со враќањето на џудото во Штип, повторно се отвора можност младите да се развиваат во спорт кој покрај физичката подготвеност гради дисциплина, самодоверба и спортски дух. Со голема желба и посветеност, новата генерација џудисти веќе ги прават своите први чекори, а надежта е дека во иднина токму од Штип ќе произлезат успешни натпреварувачи и шампиони.

 

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *