Можеме ли да го продолжиме животот со она што секојдневно го ставаме на чинијата? Ова прашање со години ги интригира научниците низ светот, а меѓу сите модели на исхрана токму медитеранската исхрана најчесто се издвојува како образец кој може да придонесе за поздрав и подолг живот.

Зошто медитеранската исхрана се смета за една од најздравите во светот

Во текот на последната деценија објавени се голем број студии кои покажуваат дека овој начин на исхрана не влијае само врз телесната тежина или здравјето на срцето, туку и врз работата на мозокот, цревниот микробиом, метаболизмот, па дури и врз процесот на стареење. Сепак, експертите предупредуваат дека медитеранската исхрана не е чудесна диета, туку долгорочен начин на живот чии ефекти се постигнуваат постепено.

Медитеранската исхрана се заснова на изобилство од свеж зеленчук, овошје, мешунки, целозрнести житарици, маслиново масло, јаткасти плодови и семки, со умерена консумација на риба, особено масна морска риба богата со омега-3 масни киселини.

Црвеното месо, индустриски преработената храна и слатките се јадат ретко, додека секојдневните оброци се едноставни, разновидни и богати со влакна, витамини и антиоксиданси. Токму поради таквиот состав, овој начин на исхрана со години се наоѓа во самиот врв на препораките за зачувување на здравјето.

Сè повеќе истражувања ја поврзуваат медитеранската исхрана со подолг и поздрав живот

Само во текот на 2025 година објавени се повеќе студии кои покажаа дека лицата што се хранат според принципите на медитеранската исхрана имаат подобро здравје на мозокот, помал ризик од развој на одделни видови рак, понизок крвен притисок, помал ризик од хроничен запек, како и поповолно метаболичко здравје.

Особено се интересни истражувањата кои укажуваат на тоа дека медитеранската исхрана може да го зачува помнењето и да го забави когнитивниот пад.

Научниците сметаат дека важна улога во тоа има цревниот микробиом, заедница од милијарди бактерии кои го населуваат дигестивниот систем. Здравата и разновидна исхрана го поттикнува развојот на корисните бактерии, а тие преку таканаречената оска црева – мозок влијаат врз функционирането на нервниот систем, воспалителните процеси и метаболизмот.

Со други зборови – она што се случува во цревата може да има далекосежни последици врз здравјето на целиот организам.

Поголемата социјална изолација предизвикува побрз когнитивен пад: Кога луѓето повеќе се дружат, мозокот е подолго во добра форма

Како настанале модифицираните верзии на медитеранската исхрана

Како што се множеа доказите за придобивките од овој начин на исхрана, истражувачите развија неколку модифицирани верзии на медитеранската исхрана наменети за лица со специфични здравствени проблеми, особено оние што почесто се јавуваат со стареењето.

Едно од најновите истражувања, спроведено во Шпанија, покажа дека нискокалоричната медитеранска исхрана може да придонесе за подобра контрола на телесната тежина, но и за зачувување на густината на коските, што е важно за превенција на остеопорозата кај постарите лица.

Дали медитеранската исхрана навистина го продолжува животот?

Според проф. д-р Томас Барбер, ендокринолог и експерт за дебелина, сè поголемиот број научни докази покажуваат дека медитеранската исхрана може значително да придонесе за здраво стареење.

Барбер и соработниците во 2023 година објавија преглед на досегашните истражувања за влијанието на медитеранската исхрана врз здравјето и цревниот микробиом.

Тој истакнува дека ниедна поединечна намирница не е заслужна за сите здравствени придобивки, туку дека ефектот настанува благодарение на комбинацијата од различни нутритивно богати намирници кои заедно придонесуваат за намалување на воспалението, подобрување на метаболизмот, зачувување на здравјето на крвните садови и рамнотежата на цревните бактерии.

Медитеранската исхрана не е диета, туку начин на живот

Иако резултатите од истражувањата се многу ветувачки, експертите нагласуваат дека медитеранската исхрана не е волшебно решение кое само по себе гарантира долг живот.

Најголема корист имаат лицата што овој начин на исхрана го комбинираат со редовна физичка активност, одржување здрава телесна тежина, квалитетен сон, избегнување пушење и контрола на хроничните болести.

Со други зборови, медитеранската исхрана не претставува краткотрајна диета, туку образец на исхрана кој може да стане дел од секојдневниот живот. Токму поради тоа, сè повеќе експерти сметаат дека таа не е само еден од најздравите начини на исхрана, туку и еден од најважните сојузници за здраво стареење и зачувување на квалитетот на животот, и тоа не е тренд, туку заклучок од многу научни студии.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *