Штип и штипјани утре традиционално на празникот Ч’трсе ќе се качуваат на тврдината Исар. Ч’трсе е едно од петте нематеријални културни наследства во земјава, кои се впишани на листата на УНЕСКО.
Традицијата се пренесува од генерација на генерација, секој година вообичаено помладата популација се искачува на тврдината однсно на врвот. Одтаму тие треба да фрлат 39 каменчиња а 40-то да го задржат за себе. Додека се симнуваат од тврдината се ракуваат со 39 луѓе а 40-тиот треба да го поздрават со бакнеж.
Самиот празник Четрсе е поврзан не само со празнувањето на Светите 40 маченици туку и со почетокот на пролетта.Повозрасните штипјани ja посетуваат црквата „Свети Архангел Михаил“ на почетокот на тврдината за да се помолат и да запалат свеќи
Исарот и легендите
Во реката Брегалница, токму во подножјето на Исарот се крунисувале Пајонските кралеви. Тврдината Исар е едно од ретките места, каде што се потврдуваат и легендите на штипјани кои со векови се пренесувале од генерација на генерација а досега археолозите потврдиле две легенди за тврдината Исар. Едната е дека црквите со нивната местоположба формираат крст, коешто со откривањето на црквата Св.Власие се потврдува оваа легенда.
А другата која ја имаат потврдено и штипските археолози пред три децении е легендата за тајниот тунел од 150 метри кој води од реката Брегалница до тврдината Исар. Легендата говори дека 1385 година војската на султанот Мурат Први долго време се обидувале да го освојат утврдениот град. Но еден ден Турците забележале дека од другата страна на Брегалница од карпите излегуваат патки. Пратејќи ги низ тунелот успеале да го освојат градот. Легендата е потврдена во 1986 година кога тунелот беше откриен при изградба на колекторска мрежа. Багер случајно го откри отворот на тунелот.