Кик бокс клубот Гладијатор Фајт-Штип ќе настапи на претстојното Балканско првенство, кое ќе се одржи во Нови Сад од 29 до 31 мај. Овој значаен спортски настан ќе собере натпреварувачи од целиот Балкан, кои ќе се борат во повеќе категории и дисциплини.
Од клубот Гладијатор Фајт-Штип на првенството ќе настапат двајца натпреварувачи, кои ќе ја претставуваат Штипската и македонската кик-бокс сцена во најдобро светло. Станува збор за Антонија Тасева, која ќе настапи во категоријата -60 кг, и Јован Јанковски, кој ќе се натпреварува во категоријата -52 кг.
Подготовките за ова големо натпреварување се реализираат во одлична соработка со повеќе клубови од државата, со што се овозможува квалитетен тренажен процес и размена на искуства. Во подготовките учествуваат Комбат Радовиш, Тим Зоран Струмица, Ронинг Прилеп и Енерџи Битола.
Овој вид на заеднички тренинзи имаат значајна улога во подигнување на формата на натпреварувачите, подобрување на тактичко-техничките вештини и стекнување искуство против различни стилови на борба. Тимот од Штип влегува во завршната фаза од подготовките со висока мотивација и јасна цел – да постигне што подобар резултат и достојно да го претстави клубот и државата на меѓународната сцена информира за Радио AngelsFM тренерот и претседател на клубот Шенол Асанов.
Настапот во Нови Сад претставува важен тест за младите спортисти, но и можност за дополнителен развој и афирмација во кик-бокс спортот на регионално ниво.
