Светското првенство во фудбал, чии домаќини се САД, Канада и Мексико почнува денеска, а фудбалската треска ќе кулминира на 19 јули, кога ќе се одигра финалниот натпревар. Премиерниот меч е вечерва кога Мексико ќе се соочи со Јужна Африка во импозантната околина на стадионот Ацтека. Во текот на следниот месец, нормалниот ритам на секојдневниот живот ќе тече во позадината на најголемиот светски спектакл кој ќе го заземе централното место во 16 градови домаќини низ САД, Мексико и Канада.

Новиот, проширен формат носи 48 репрезентации кои ќе ги одмерат силите во 104 натпревари на патот до финалето во Њујорк на 19 јули. Целата врева и контроверзии кои ги придружуваа подготовките за турнирот ќе бидат премолчени, барем привремено, вечерва во 21 часот.

Шпанија и Франција ги предводат фаворитите

За многумина, Шпанија влегува на турнирот како благ фаворит пред Франција. Со волшебниот талент на Ламине Јамал на преден план, Шпанија има добри шанси да го повтори својот успех по победата на Еуро 2024. Франција има изобилство на таленти во целиот тим, а Килијан Мбапе повторно го предводи тимот.

Иако има само 18 години, Јамал веќе е суперѕвезда со три титули во шпанската лига со Барселона и една европска шампионска титула. Има чувство дека ова Светско првенство може да биде за Јамал како што беше турнирот во 2018 година за тогашното тинејџерско чудо од дете, Мбапе.

Последниот танц на Меси, Роналдо и Модриќ

Ова ќе биде Светско првенство на кое ќе се збогуваме со двајца од најголемите играчи на една генерација, Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Меси ќе наполни 39 години следната недела и шансите на Аргентина да ја одбрани титулата ќе зависат од нивната способност да го извлечат најдоброто од својот мал волшебник.

Истото важи и за Португалија и Роналдо. На 41 година, тој останува лидер на португалскиот тим со ѕвезди под водство на Роберто Мартинез.

Лука Модриќ е уште еден златен ветеран кој на 40-годишна возраст по овој Мундијал сигурно ќе стави крај на својата раскошна репрезентативна кариера, потсетува Дејли Мејл.

Новиот формат ја отвора вратата за изненадувања

Со проширениот формат, вратата е отворена пошироко од кога било. Пристигнуваат меѓу другите Хаити, Курасао, Иран, Нов Зеланд, Ирак и Јордан. Можеби некои натпревари на почетокот не звучат возбудливо, но тоа е затоа што не знаеме многу за некои тимови.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *