Денес почнува Светското првенство во фудбал – турнир што многумина веќе го нарекуваат историски. За првпат во историјата Мундијалот ќе се одржи во три држави домаќини – САД, Канада и Мексико, а на него ќе настапат рекордни 48 репрезентации.

Но, ова Светско првенство ќе остане запаметено како историско и за македонската јавност од една сосема поинаква причина. За првпат од осамостојувањето на Македонија, граѓаните нема да можат да ги следат натпреварите од Мундијалот преку Македонската телевизија.

По повеќе од три децении во кои Светските првенства беа дел од програмата на јавниот сервис, годинава МТВ не успеа да ги обезбеди телевизиските права за пренос. Со тоа се прекинува една долгогодишна традиција и за првпат македонските гледачи остануваат без бесплатни преноси на најголемиот фудбалски спектакл на планетата.

Телевизиските права за македонскиот пазар ги поседува Арена спорт, во сопственост на српски Телеком, чии канали се достапни и кај домашните оператори. Сепак, натпреварите од Светското првенство ќе се емитуваат исклучиво на премиум каналите кои се дел од дополнителни пакети, што значи дека голем дел од гледачите нема да можат да ги следат натпреварите без дополнителна претплата.

Во основните канали Арена спорт 1, 2 и 3, нема да има преноси од натпреварите што ќе се играат во САД, Канада и Мексико.

Ова е првпат МТВ да не обезбеди преноси од едно Светско првенство во фудбал, а воедно и само вторпат да изостане пренос на голем репрезентативен фудбалски турнир. Претходно, во 2008 година, јавниот сервис не ги пренесуваше натпреварите од Европското првенство.

Така, иако Светското првенство носи бројни историски новитети на теренот, за македонските љубители на фудбалот ќе остане запаметено и по уште еден преседан – првпат во историјата на независна Македонија, Мундијалот нема да се следи на националниот јавен сервис.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *