Со спектакуларна церемонија на отворање и традиционалниот тиркизен тепих, денеска официјално започна евровизиската недела во Виена, со што беше означен стартот на јубилејното 70. издание на Изборот за песна на Евровизија.
Центарот на австриската престолнина беше претворен во голема музичка сцена, а делегациите и учесниците од сите земји учеснички продефилираа по тиркизниот тепих, кој се протегаше од легендарниот Бургтеатар до Градското собрание на Виена. Илјадници фанови, новинарски екипи и посетители ја следеа церемонијата, која традиционално го означува почетокот на најгледаниот музички телевизиски спектакл во Европа.
Во свечениот дел од програмата настапи Симфонискиот оркестар на австриското радио ОРФ, кој во живо ја изведе химната на Евровизија, но и трите победнички австриски песни од историјата на натпреварот.
Пробите за настапите на 70. издание на „Евровизија“ веќе се објавени на официјалниот Јутјуб канал на натпреварот, со што почна последното загревање пред најголемата европска музичка сцена. Годинава домаќин е Австрија, а на натпреварот учествуваат 35 земји. Првото полуфинале е закажано за вторник, 12 мај, второто за четврток, 14 мај, а големото финале ќе се одржи во сабота, 16 мај.

