Легендарниот гитарист Влатко Стефановски денеска во Скопје ќе ги претстави своите две најнови албумски остварувања – Guitar Sings, инструментален албум, и Muscle Memory, нов студиски проект, во организација на дискографската куќа Croatia Records.
На промоцијата, што ќе се одржи во хотелот „Холидеј Ин“ со почеток во 12 часот, Стефановски ќе зборува за креативниот процес, инспирацијата зад албумите, како и за своите тековни и идни музички планови.
Скопската промоција следува по нивното неодамнешно претставување во Сплит, во пресрет на доделувањето на престижната музичка награда „Порин“.
Како еден од најистакнатите гитаристи и автори на регионалната музичка сцена, Влатко Стефановски неодамна беше одликуван во Хрватска со наградата „Порин“ за животно дело (Porin Special Merit Award), како признание за неговиот особен придонес кон хрватската музика.
На настанот ќе присуствуваат и претставници на Croatia Records од Загреб – уредничката Клаудија Чулар и извршната директорка Маја Видмар Клариќ.
извор Телевизија 24
