Светскиот ден на домашните миленици ја слави радоста што милениците ја носат во нашиот живот.
Денес им го посветуваме денот на оние што ни го полнат срцето секој ден – нашите верни, слатки, понекогаш палави, но секогаш полни со љубов миленици.
Светскиот ден на домашните миленици е востановен во 2006 година од страна на американската активистка Колин Пејџ, со цел да ја подигне свеста за значењето на домашните животни во нашите животи, но и да ја истакне потребата од вдомување наместо купување миленици. Овој ден е особено важен за потсетување дека многу животни сè уште живеат на улица или во засолништа, чекајќи некој да им подари втор шанс.
Домашните миленици имаат многу значајна улога во животот на човекот. Научно е докажано дека галењето на животно го намалува стресот, ја подобрува менталната состојба и дури може да го намали крвниот притисок. За децата, милениците се учители по емпатија, одговорност и грижа. За постарите луѓе, тие се друштво, топлина и причина за секојдневно движење. За сите нас – тие се радост.
Но, поседувањето миленик не е само забава и разонода. Тоа е обврска која подразбира грижа, внимание, ветеринарна нега, здрава исхрана, социјализација и, пред сè – љубов. Денешниот ден е совршен потсетник дека милениците не се предмети или украси, туку живи суштества со чувства, потреби и право на достоинствен живот.