Уште три дена до одржувањето на концертот на Саша Ковачевиќ во Домот на културата во Штип. И покрај бурните реакции во јавноста сепак остануваат во продажба картите за овој концерт во кој е предвидено и точење на алкохол.
По испратените прашања до Инспекторатот за култура за инспекциски надзор на Домот на Кулурата “Ацо Шопов” по повеќе од 10 дена добивме и одговор во кој стои:
„Од страна на инспектор при Секторот за управен и инспекциски надзор на Министерството за култура извршен е вонреден инспекциски надзор во НУ Центар за култура Ацо Шопов од аспект на примената на член 58 од Законот за култура, којшто се однесува на јавно изведување на дела од областа на културата во РСМ, ЗА ШТО Е СОСТАВЕН Записник од 11.03.2024. Врз основа на утврадената фактичка состојба согласно член 58 Центарот за култура Ацо Шопов склучил договор со менаџер на Саша Ковачевиќ за обезбедување настап на целовечерен музички концерт на 15 Март а истовремено центарот скличил и договор со ДТУ „Кабаре БЛЕК“ за партнерство и организирање на концертот.
ДТУ „Кабаре БЛЕК“ -Штип е должен просторот да го користи како добар домаќин, а евентуално настанатата штета да ја надокнади по стварната цена на чинење. Според изјавата на директорот Горан Трајков организирањето на вакви настани е во насока на реализирање на зацртаната стратегија на Центарот за култура за збогатување на културната понуда за граѓаните како и за оставрување на дополнителни приходи на Установата кои би биле искористени за подобрување на узловите за работа. Истовремено за наводите за точење алкохол во НУ Центар за култура имајќи ја предвид надлежноста на Законот за угостителска дејност. Иницијативата за надзор е доставена за запознавање и натамошно постапување до Државниот пазарен инспекторат“
Но, освен ова во оваа културна институција на концертот е најавено и отстранување на инвентарот односно столчињата, а на нивно место да бидат поставени и маси. Во врска со ова одговор од Министертсвото за култура и од Инспекторатот нема.
Директорот Горан Трајков на последната пресконференција за медиумите и за јавноста не откри на кој начин ќе се одржи концертот, Дали ќе биде отстранет инвентарот и дали салата ќе биде претворена во диско? На ова прашање одоговорот е дека сите новинари се поканети на концерт и тогаш ќе имаат можност да видат во каква состојба е големата Сала.
Како новинари и пред сè граѓани на општина Штип, денеска го посетивме Домот на културата Ацо Шопов за да ја видиме состојбата на големата сала, но вратата беше заклучена, а директорот не одговори на нашите повици. Имено, во јавноста веќе се шират информации дека Салата веќе е подготвена со поставени маси за концертот.
Целиот случај има и Кривична пријава поднесена од страна на Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, кој како градоначалник изрази загриженост за демолирање на најстарата културна институција. Последната информација од ОЈО Штип, пак е дека за истиот случај веќе се постапува, но дали е завршен или не сè уште немаме конкретен одговор.