Новак Ѓоковиќ и шпанската фудбалерка Аитана Бонмати се добитници на наградите Лауреус, таканаречените спортски Оскари за најдобар спортист и најдобра спортистка во светот во 2023 година. Минатата година Бонмати беше избрана за најдобра играчка во изборот на ФИФА, беше добитничка на Златната топка, а беше прогласена и за најкорисен играч (МВП) на Светското првенство каде Шпанија ја освои шампионската титула.

Ѓоковиќ ја освои наградата Лауреус по петти пат во кариерата, откако минатата година освои три од четири Грен слем турнири (Австралија Опен, Ролан Гарос, УС Опен) и играше во финалето на Вимблдон. Наградата за тим на годината ја доби шпанската женска фудбалска репрезентација.

Фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингем, беше прогласен за спортист кој направи најголем скок, додека американската гимнастичарка Симоне Билес ја доби наградата за камбек на годината. Спортистите за наградата Лауреус се номинирани од претставници на светските медиуми, а победниците ги избираат 69 членови на Светската спортска академија Лауреус. Наградата е основана во 2000 година.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *