Иако имаат невозможно ниски температури, зимите во Јакутија не траат нешто невообичаено долго, и стандардно почнуваат во ноември а завршуваат на крајот од март, а потоа во остатокот од годината имаат некои нормални сезонски температури, пример, летно време достигнува над 35 степени.

Проблемот таму е што кога е зима, стварно е зима, без попуштање, па Јакутск има дочекано и -71 степен Целзиусов, иако просекот е некаде околу -45 степени.

Тајната на преживување на овие температури е крзнени бунди, под кои има неколку слоеви џемпери и маици, дебели пантолони со засилување под нив, дебели чорапи и традиционални чизми од елен, со задолжителна шубара и ракавици. Или на кратко, препораката е зимно време да ти се гледаат само очите. Во спротивно сè што е откриено ќе ти измрзне. И со сето ова на тебе, правилото е дека надвор не седиш подолго од 15 минути.

На цел тој студ, празнотија и немање луѓе, во Јакутија се копа една четвртина од сите дијаманти во светот.

Заради постојаниот мраз Јакутск има и некои урбанистички особености што не се повторуваат во остатокот од светот. На пример, нема подземни гаражи, сите згради се градат на столбови на еден метар над земја, а целата инфраструктура од најразлични цевки (гасовод, вода…) кои би требало да бидат под земја, исто така е над земја.

Јакутија има стандардна сообраќајна мрежа, не дека сите се на санки со ирваси. Тоа што не е стандардно е дека во зима во Јакутск колата не се гаси дур не дојде пролет. Цела зима, дење, ноќе, колата работи, затоа што ако ја изгасиш на -40 нема течност во нејзе што нема да замрзне.

Ако ја изгасиш, прв чекор е да земеш бренер за греење, да го запалиш и да го насочиш кон колата и да чекаш. При операцијата може да се случи да ти се стопи крилото, ама важно колата ќе запали.

 

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *