Дејвид Бекам го донесе своето семејство на премиерата на новиот документарец на Нетфликс за неговиот живот и заедно со сопругата Викторија Бекам и нивните четири деца се појавија на црвениот тепих во лондонскиот Мејфер.
„Бекам“ е минисерија од четири дела која го следи растот на британската фудбалска ѕвезда од скромно семејство, во еден од најпрепознатливите играчи на сите времиња, на теренот и надвор од него.
Серијата покажува како сега 48-годишниот пораснал во славен спортист, како се трансформирал во медиумска глобална икона по спонзорствата и каков е неговиот брак со Викторија од „Spice Girls“.
„Кога ја започнав мојата кариера во 90-тите години во Манчестер, имаше одлична музика, одлична сцена и спорт, а Манчестер Јунајтед беше еден од најуспешните клубови во фудбалот. Ве потсетува на нешто што беше многу посебно и се надевам дека луѓето ја гледаат серијата, ќе се чувствуваат горди и дека тоа ќе ги потсети на убави спомени“, изјавил Бекам.
Со претходно необјавени снимки, документарецот се занимава и со контроверзите на јавниот и приватниот живот на Бекам.
„Ние сме заедно 26 години“, рекол тој за неговата сопруга Викторија, „имаме прекрасни деца, започнавме бизниси заедно, но сепак одвојуваме време еден за друг. Знаете, мора да работите напорно на овие работи“.
„Бекам“ почнува да се прикажува на Нетфликс од денес, среда 4-ти октомври.